Шанлиурфа „Ерусалим на Анадолија“

Шанлиурфа, исто така познат како Урфа, е еден од најважните аџилак градови на Блискиот Исток, наречен „Ерусалим на Анадолија“ или  „Град на Пророците“ најмногу поради неговото еврејско, христијанско и муслиманско наследство. Според Стариот Завет, пророкот Ибрахим (Авраам), „таткото на трите монотеистички религии“, е роден во градот Ур (Шанлиурфа) а подоцна заедно со своето семејство мигрирал во Хеврон, денешна Палестина. Во античко време, градот Шанлиурфа имал различни имиња и се споменувал во сите свети верски книги. Кога бил познат под името Едеса, во него живееле старозаветните пророци, како Јетро, Јов, Илија и Авраам. Исто така, Мојсеј живеел во оваа област и работел како овчар седум години пред да се врати во Египет. Ова е анадолски град кој фигурирал во сите религии. Токму во Шанлиурфа на раните христијани за прв пат им било дозволено слободно да се молат во првите цркви кој биле отворено изградени. Паганските храмови биле претворени во синагоги, синагогите во цркви и црквите во џамии, што резултирало со уникатна еклектична архитектура.



Со својата историја од 12.000 години, Шанлиурфа, за кој некои сметаат дека е античкиот град Ур, гордо го изложува наследството на сите цивилизации кои опстојувале во регионот. Градот првично бил наречен Урфа, но подоцна ја добил титулата „Шанли“, или „славен“, за улогата што ја играл за време на Турската војна за независност во 1920 година.
Историјата на градот е многу посложена од обичните легенди и митови. Познат кај старите Грци како Осро, градот бил основан од познатиот генерал во војската на Александар Македонски,  Селевк I Победникот , кој го населил градот со античко македонски ветерани кои претпочитале да го нарекуваат овој град Едеса според нивната родна провинција. Овие студии веќе го докажаа статусот на Шанлиурфа како лулка на цивилизациите, а тековните ископувања можеби ќе ги откријат историските факти кои трагаат уште поназад во времето.
Градот се наоѓа на југоистокот на Турција. Иако турскиот јазик се користи како официјален јазик, повеќето од жителите можат да зборуваат други јазици како арапски и курдски. Шанлиурфа има население кое надминува 2 милиони.



Овој специфичен град денес е изненадувачки спој на старото и новото со турски, арапски и курдски селани кои доаѓаат од селата ценкајќи се во традиционалната чаршија, додека младите ги има по канцелариите и продавниците  во модерниот дел во центарот на градот.
Како посетители на градот ви препорачуваме да го видите комплексот што се состои од џамија што ја опкружува Авраамовата пештера и Базенот на светата риба (Баликлигол). Урфа е град за аџилак; затоа, ноќниот живот речиси и да не постои. Има неколку скромни барови околу делот на градот над реката Каракојун. Овие мали барови се посетени претежно од  мажи и во нив има свирачи на локална музика. Околу улицата Копрубаши можете да најдете различни кафулиња, во кои можете да вкусите кафиња со прекрасна арома или да уживате во вкусовите на локалните блага (баклава, кадаив, сутлијач...)
Во Шанлиурфа, ќе видите многу луѓе што носат шамии, и мажи и жени, најмногу затоа што се штитат од топлина. Пиењето алкохол на јавни места може да биде проблем. За да можете да го доживеете духот на градот ви препорачуваме да се препуштите и “залутате” низ чаршија со сводови и да се напиете чај во некој од дворовите на старите анови.



Нешто што треба дефинитивно да го направите е да го посетите археолошкиот музеј. Музејот е неодамна обновен и отворен за јавноста  и е еден од најдобрите во Турција. На неговите 3 нивоа има повеќе прикази со наоди и артефакти од палеолитски, неолитски и енеолитски период, бронзено и железно време, хеленистичко, римско и византиско и исламско време. Има и дел за пророци. Други интересни делови на музејот се салата Гобеклитепе со реплика во оригинална големина и секако можност да ја видите најстарата склуптура на човек во светот од 10000 п.н.е.



Шанлиурфа е град на антички традиции, стари пријателства и мистични здруженија што го прави привлечна дестинација за туристите од целиот свет.


Во последно време, еден од најважните археолошки локалитети во близина на Урфа е Гобеклитепе, кој промени сè што знаевме за луѓето од камено доба. Со 6000 години пред Стоунхенџ, Ѓобеклитепе ги нарушува општоприфатените ставови за подемот на цивилизацијата и тековните ископувања можеби ќе одговорат на една од најважните загатки на науката за археологијата. Дефитивно дестинација која треба да ја посетите!
 
                                    Aвтор: traveladdicted22