Газиантеп, градот на баклавата и ф'стакот

Газиантеп, градот на баклавата и ф'стакот ќе ве плени во секој поглед и нема да ве остави рамнодушни. Шетајки се низ стариот дел на градот, под тврдината, нема да можете да одолеете на прекрасната арома од свежо мелено кафе, наргиле и печен ф'стак. Во старите чаршии и пазари ќе најдете многу неодоливи производи, вклучувајќи: сушени пиперки, модри патлиџани, тиквички и корнишони, снегулки од лута пиперка, булгур, симит, шафран, локално црно и жолто суво грозје, сусам алва, татли суџук („слатки колбаси“ направени со јаткасти плодови и желе од грозје) и секако ф'стаци.



Поради својата географска локација, како крстопат помеѓу истокот и западот, (источниот Медитеран и рамнините на Месопотамија) низ него минувал историскиот пат на свилата со што градот станал дом на различни цивилизации низ историјата. Газиантеп датира од 5600 година п.н.е. и се смета за еден од најстарите градови во светот. Сите овие причини го направиле градот популарен во комерцијална, културна и уметничка сфера. Како центар на одгледување на ф'стаци во Турција и со своите огромни маслинови градини и лозја, Газиантеп денес е еден од важните индустриски центри на Турција.

Стариот град познат како Антeп се наоѓа на 12 километри северно од денешниот град, на горните падини на ридот Низип. Областа била континуирано населелувана почнувајќи од палеолитот и била сведок на доминација на сили како од Асирците, Персијците, Римјаните, Византијците, Абасидите и Турците Селџуци. Времето на воздигнување за Отоманската империја значело исто и за градот. Во тоа време се изградени многу џамии, анови, бањи и медреси.



Над градот се издига тврдина која преставува негов познат белег, оригиналните градители на тврдината на Газиантеп не се познати. Тврдината била обновена од Византијците во 6 век и се до Отомански период нејзиниот лик бил видоизменуван но во основата останувал ист. Во тврдината има гробница, џамија и бања. Се верува дека под тврдината има галерии и патеки кои водат до реката. Тврдината била важен бедем во отпорот против Французите за
 време на oслободителната војна во 1921 година.



Благодарение на мозаиците ископани од античкиот град Зеугма и отворање на музејот Зеугма,  градот добива и нова титула како „Градот на мозаиците“ Музејот е структуриран во форма на три големи простори. Во главната зграда на музејскиот комплекс се изложени мозаиците кои се пронајдени во Античкиот град Зеугма за која се вели дека е основан од Селевк I Победникот, генерал во војската на Александар Македонски. Во втората зграда е изложена уникатна колекција црковни мозаици од доцна антика кои потекнуваат од околината на Газиантеп. Третата зграда е делот што ги опфаќа извршните канцеларии и конференциските сали. Музејот од 30.000 м2  ги има некои од најубавите мозаици на светот од античкиот период. Овие мозаици се стари околу 2000 години и уникатни по дизајн, боја и се право совршенство.



Посета на најголемиот музеј на мозаик во светот, шетање по старите улици со автентични историски куќи, релаксирање со пијалок, обиколка на културно историските споменици и музеи, пазарување, возење со брод по езерото на браната Биреџик и вкусувње од типични првкусни локални јадења, кафе или чај од захтер (мајчина душица) го прави овој град интересна и привлечна дестинациа. Секако не смеете да замините без да ја пробате најдобрата баклава во светот или кунефе, бурмали кадаиф, сари бурма, пире од ф'стаци и млечна маст...