Скриените богатства на Египет

Туристите го препознаваат Египет по прекрасните плажи и живописното море од една страна и по древните атракции како што се пирамидите и сфингата во Гиза. За пирамидите и нивните древни тајни се знае многу, но тоа не е ни одблизу сè што има да понуди оваа африканска земја. Особено ако мистериите ве привлекуваат како магнет. Доколку сакате да истражувате подлабоко, имајте ги предвид овие мистични локации.

1. Стаклото на Големото песочно море
 
Ова е едно од величествените места на Египет, кое ги интригирало дури и фараоните. Големото Песочно Море е токму тоа што кажува името – бескрајна маса од песочни дини на површина од приближно 72.000 квадратни метри што ги прекрива пустите границите на Либија и Египет, дом на ниедна жива душа. Истражувачите на овој исклучително неистражен регион мора да се многу добро подготвени, бидејќи на целата таа површина нема буквално ниеден извор на вода. На јужниот брег на Песочното Море, на египетска страна, близу до либиската граница и околу 150 километри од најблиското дрво се наоѓа местото на една геолошка мистерија – долината на либиското силикатно стакло, послана со мали бледозелени парчиња стакло.

Постојат многу теории за тоа како настанало токму на тоа место, но вистината за нивното потекло сè уште е мистерија. Според некои теории, стаклените камчиња всушност претставуваат скаменет силикатен песок под силно дејство на метеорски удар. Но кратер од таков удар никогаш не е пронајден. Другата теорија вели дека на ова место некогаш имало презаситено силикатно езеро кое полека пресушувало и се претворило во природни зеленикави стакленца.

Не постојат постојани тури за овој осамен регион, но посета на Долината на стаклото може да биде вклучена во рамките на други тури што водат до попознатите историски и праисториски локалитети. Не се препорачува самостојна посета, од безбедносни причини.

2. Скриената соба на Тутанкамон и нејзините богатства
 
Посетата на гробницата на фараонот Тутанкамон, една од најпознатите во Египет, е посебно искуство и треба да го имате предвид ако летувате во Хургада. Се наоѓа во Долината на фараоните во Луксор и ја има ознаката KV62. За момчето-фараон биле познати многу малку информации. Се знаело деко починал на 20-годишна возраст, па долго време експертите не биле сигурни дека воопшто постои негова гробница. Сепак, во 1922 година Англичанецот Хауард Картер го открил гробот на кралот Тут. Споредена со многу други гробници, оваа изгледала како да е недопрена. На светот му овозможила поглед кон величествениот начин на кој Старите Египќани ги испраќале своите мртви во задгробен живот.

На Картер му биле потребни седум години целосно да го испразни гробот, каталогизирајќи го и фотографирајќи го секој артефакт. Сите богатства на Тут денес може да ги видите во Музејот на Египет во Каиро, а во самата гробница се наоѓа само мумифицираното тело на фараонот во оригиналниот саркофаг. Четирите соби издлабени во природен камен се покриени со оригиналните мурали и слики. 

Мистеријата што ја обвива гробницата, се однесува на претпоставеното постоење на тајни одаи во неа. Истражувачите се надевале дека токму тука ќе ја пронајдат и гробницата на кралицата Нефертити, но до денес тоа не се случило. Прашањето за постоењето на тајните одаи се актуализира одвреме-навреме речиси секоја година.

3. Изгубениот град Хераклион
 
Хераклион, познат и под името Тонис, е древен египетски град кој исчезнал во водите на Средоземно Море, недалеку од Александрија, некаде на почетокот од нашата ера. Долги години истражувачите не биле сигурни дали тој воопшто постоел или станувало збор за уште една легенда. Пред десетина години нуркачки истражувачки експедиции ги пронашле неговите остатоци.

Во древните времиња Хераклион било едно од најголемите пристаништа во Медитеранот. Тука била крунисана последната египетска кралица, Клеопатра. Но неговата важност опаѓала со растењето на Александрија, а потоа, најверојатно поради земјотрес, останал закопан во песокот и покриен со водите на Средоземно Море.

Величествениот древен изгубен град и неговите тајни е атракција за нуркачите. Турите вообичаено се организираат од Александрија.

4. Пустинскиот здив 
 
Нема мистерија околу настанувањето на Пустинскиот здив, но ќе се согласите дека изгледа мистично. И бидејќи се наоѓа во близина на Хургада, заслужува да го посетите доколку летувате тука. Станува збор за колосално дело на современата уметност издлабено и изградено во песоците на Сахара. Гледано одозгора изгледа како двојна спирала од 89 конусни испакнувања и исто толку вдлабнувања, во чие срце се наоѓа базен со вода. Делото е завршено во 1997 година и го потпишува групата „Д.А.С.Т. Арттим“.

5. Тајните на пирамидите
 
Кеопсовата пирамида во Гиза е веројатно најпознатата пирамида во светот. Сепак, најстара, изградена пред 4.600 години, е онаа изградена за фараонот Нетјерикет, попознат како Џосер. Единствениот облик на Џосеровата пирамида моѓе да се објасни ако се имаат предвид објектите што ги граделе Старите Египќани кои биле во употреба пред изградбата на пирамидите. Во периодот на Старото Кралство гробниците на елитните членови на општеството биле правоаголни структури со рамни покриви. Направени се од кал и од тули или од камен. Биле познати под називот мастабас, што на арапски значи клупа од кал.
За да ги надмине претходниците, Џосер решил да изгради шест мастабаси еден над друг, со што создал скалеста пирамида. Без оглед на причините за неговата иновација, скалестата пирамида била архитектонско чудо на своето време. Со висината од 62 метри, таа доминирала во околината. 

Кеопсовата пирамида, пак, оригинално била висока 146,5 метри, но поради оштетување и ерозија денеска е малку пониска, 138,8 метри. Таа е најстарото и воедно единственото што преживеало до денес од Седумте светски чуда на античкиот свет. Се проценува дека биле потребни околу 100.000 луѓе за да ја изградат. Процените велат и дека е составена од 2.300.000 камени блокови, кои тежат од 2 до 30 тони. 

Пирамидите во Гиза ги чува големата Сфинга, најголемата монолитска статуа на светот, за која се верува дека го прикажува лицето на фараонот Кефрен.
Сите египетски пирамиди се изградени на западниот брег на Нил, местото на залезот на сонцето, што во египетската митологија се поврзува со починатите души. Трите пирамиди во Гиза по својата локација се усогласени со соѕвездието Орион, кое се поврзувало со богот на задгробниот живот – Озирис.
Би било вистинска штета доколку, за време на вашето летување во Хургада, не одвоите еден ден за посета на ова волшебно посто покрај Каиро.