-
05.10.2021
-
Африка, Летен одмор, Атракции
Уметноста на градење замоци од песок датира од многу одамна иако првите документирани докази се од пред околу 500 години.
Во 14 век е забележано дека поетот Баларам Дас создавал религиозни скулптури во неговата родна Индија. Некои луѓе веруваат дека античките Египќани правеле скулптури на пирамидите од песок, но и други песочни форми иако за тоа нема докази.
Но во модерен Египет има нешто друго – Песочниот град кај Хургада се наоѓа на само неколку километри од рисортот „Ред си“ и претставува единствен песочен музеј на отворено во Африка и на Средниот Исток. Ги собира на едно место уметниците од целиот свет кои создаваат десетици скулптури и релјефи на кои им се воодушевуваат и деца и возрасни. Поделен е на два дела – во едниот се скулпути на историски или митски ликови како што се Цезар или Зевс, а другиот е посветен на јунаци од цртани филмови – од Спајдрмен, Том и Џери и цела плејада Дизниеви ликови.
Музејот на песочниот град е отворен на почетокот на 2014 година и оттогаш претставува една од задолжителните дестинации на туристите што ја посетуваат Хургада.
Скулптурите овде се направени само од песок и вода. Лепак не се користи, поточно „лепак“ е водата. Скулпторите користат различни алатки, шпакли, длета во различни големини, дури и алатки што може да ги најдете во фиоките на кујната. Најпрво се формира компактна маса во големина на скулптурата, со помош на дрвени калапи, а потоа се длаби. Кога ќе го завршат горниот слој, одат на подолниот и така до подножјето. Големината и бројот на скулпторите одредуваат колку долго ќе се изработува.
Она што го прави посебно интересен овој песочен музеј на отворено се детските работилници, каде што најмладите посетители може да научат дел од тајните на скулпторите и самите да направат мало уметничко дело.