-
05.10.2021
-
Грција, Летен одмор, 18-29, Семејство
Неос Мармарас е една од најпознатите туристички дестинации на Ситонија, вториот крак на Халкидики. Има амфитеатрална положба, морето тука е неверојатно сино, чисто, проѕирно, а плажите се такви какви што само може да посакате. Познати и вревливи или скриени и тивки - и едните и другите се сценографии за најубавите фотографии.
Неос Мармарас е најголемото туристичко место на Ситонија. Тука има полициска станица, пошта, банки, приватна и јавна клиника, аптеки, пристанишна служба, противпожарни и други услуги. Центарот на гратчето изобилува со маркети, продавници, пекарници, сувенирници. Едноставно ништо нема да ви недостига.
На пристаништето може да изнајмите бротче или да заминете на еднодневна екскурзија на некоја од организираните тури со брод. Меѓу попознатите се дневните крстарења околу Атос, третиот крак на Халкидики.
Во околината на Неос Мармарас особено уживаат вљубениците во природата. Вегетацијата во планината над градот е бујна и разновидна, богата и ретка. Тука може да видите и елени, лисици и други помали диви животни.
На планината, на 5 километри од Неос Мармарас, се наоѓа традиционалното село Партенонас, на надморска висина од 350 метри. Куќите овде се изградени од камен, а улиците се со калдрма. Оттука се гледаат прекрасни панорами. Ако решите да го посетите селото, не одминувајте ја црквата „Свети Стефан“, изградена во 1837 година. Во селото се наоѓа и фолклорен музеј. Препорачуваме да го посетите попладне, по дневната доза море и плажа. Ќе посакате тука да останете и на вечера, бидејќи традиционалните специјалитети се превкусни, уште повеќе ако притоа уживате во неверојатното зајдисонце.
Сигурни сме дека ќе уживате во прошетките на пристаништето, во таверните, рестораните и кафулињата.
Најубавите плажи
Веќе знаете дека Ситонија изобилува со прекрасни плажи, а Неос Мармарас е на одлична локација за да го истражите кракот, особено јужниот дел. Во непосредна близина се наоѓаат повеќе плажи кои се вбројуваат во топ 10 меѓу многубројните убавини на вториот крак.
Во непосредна близина се наоѓа плажата Парадисос. Во правец кон Никити, Прекрасната Лагомандра е на само 10 минути возење, а Калогрија е на 15 минути.
Доколку тргнете во правец кон Порто Карас, кој е на само 12 минути возење, веднаш по него се наоѓа и прекрасната плажа Кохи. Торони, пак, е на 25 минути возење. Секоја од овие е глетка за себе. Уживањето е гарантирано!
* Плажите Лагомандра, Кохи и Торони.