Метаморфози – семеен одмор меѓу морето и мирисот на боровите

Замислете мирис на море измешан со мирис на борова шума. Всушност не мора да замислувате – токму таа убавина ја има во Метаморфози, едно од најмирните места на почетокот на Ситонија, покрај море, на зелена падина. Жителите овде важат за исклучително љубезни.

Златните и свиленикави песочни плажи, чистите сини води и одличната локација го прават одлична дестинација за семеен одмор, особено за семејства со помали деца, но и за „истражувачи“ што сакаат секој ден да го поминат на различна плажа на Ситонија.
Плажата на Метаморфози, всушност, е синџир од повеќе плажи што го одбележуваат почетокот на вториот крак на Халкидики – Ситонија. Главна е градската плажа, со сино знаменце, но како што се движите надолу по кракот се нижат помали организирани, симпатични плажи во состав на хотелите или на beach-барови. Овие плажи се комбинација од ситен и крупен песок, а морето е чисто и одлично за пливање. Мирисот на боровите на сето ова му дава посебен „зачин“.

За „истражувачите“, три од топ 10 плажите на Ситонија се на растојание од помалку од 20 минути возење - Агиос Јоанис кај Никити – 14 минути, Калогрија меѓу Никити и Неос Мармарас – 17 минути и бескрајната Трани Амуда кај Ормос на – 19 минути. Но доколку не ви пречи да возите и подолго, цела Ситонија ви е на дланка.