КАКО ПАТУВАЊЕТО ВЛИЈАЕ НА ЧОВЕКОТ?

Сите со нетрпение го чекаме денот кога шефот ќе ни даде одмор од работа. Цела година работиме за тие две недели кога можеме да се опуштиме и да се впуштиме во авантура. Одморот е современиот начин на ескапизам – бегство од реалноста. Тоа ни помага да го свртиме вниманието бар за миг кон себе си и да ги погледнеме нештата од една погорна перспектива. 

Патувањето општо влијае на нас на неколку начини. Тоа првенствено ни ја менува личноста. Секој сака да земе здив. Во свет полн со стресови и нервози ние сме соочени со итноста да бараме место каде можеме да се ослободиме. Патувањето и туризмот е еден од современите начини како човек може популарно кажано да ги ,,наполни батериите” и да се регенерира за новите предизвици на секојдневието.

Менувањето на личноста доаѓа од повеќе причини. Многу често луѓето доживуваат нешто што се нарекува – културен шок. Кога се соочени со нова средина која има различни традиции, обичаи и текови на секојдневие ние го прилагодуваме и менуваме нашиот карактер. Самиот факт дека во друга држава зборуваме на друг јазик веќе говори за нашата смена на умот. Во судир со друга култура ние можеме да ги попримиме нејзините морални норми и да си отидеме повеќе изградени како личности после едно такво доживување.

Ова менување на личноста се должи и на лачењето на адреналинот кое се случува во моментот кога ние сме соочени со нешто непознато и сакаме да го истражиме. Непознатото е нешто што не привлекува токму поради незнаењето за него, тоа ни го надополнува искуството, а искуството не надополнува нас севкупно.

Патувањето не вади од комфорт зоната. Понекогаш гледаш слики на инстаграм како твојот колега од работа кој е мирен, повлечен и стабилен, сега се слика со змии, оди на сафари, прави sky diving. Самиот факт што е ставен во средина каде тоа е нормално и дозволено го опушта и го вади од повторливоста на секојдневието. 

Патувањето може да ти го промени животот. Многу често луѓето после далечно патување имаат радикална промена во навиките. Тие осознаваат работи за себе кои до тогаш не им биле видливи. Учат да живеат во моментот, да се поотворени за нови идеи, на своја кожа да ги почувствуаат најинтересните работи кои едно патување ги нуди. 

Пакетот на доживување и промена што патувањата ги нудат се неспоредливи со ниту едно друго искуство. Патувањето е дефиниција за зборот промена, тоа е самата промена. Ако излеземе поразлични значи дека сме дозволиле да пораснеме и да сме чекор поблиску до пронаоѓањето на себеси.