Букурешт е познат по своите широки булевари со дрвореди, познатите градби од Belle Époque и животот на високата нога. Познат и како „Мал Париз„, Букурешт денес е комбинација на старото и новото, град кој вреди да се посети и види бидејќи има што да понуди поготово околу Нова година и Божиќните празници.
Има многу знаменитости кои ќе го привлечат вашето внимание уште во моментот кога ќе пристигнете во центарот на градот. Ние издвоивме неколку кои нам ни се омилени.
Куќата на слободниот печат
На влезот на градот се наоѓа Куќата на слободниот печат која е изградена во 1956 година. Во неа се наоѓаат новинарските агенции.
Триумфалната капија во Букурешт
Изградена е во 1922 година во чест на оние кои се бореле за време на првата светска војна. Можете да се качите на врвот и да го погледнете градот од малку поинаква перспектива.
Авенија на победата
Една од најубавите и најстарите улици во Букурешт е Calea Vistorei или Авенија на победата. Изградена е уште во 1692 година, а денес е најмодерна и најексклузивна улица во градот.
Војничката академија
Зграда изградена во неокласичен стил со потпис од познатиот романски архитект Димитрије Мајмароју. Уште од 1922 година е дом на ромаската војска.
Палатата на парламентот
Сигурно веќе знаете дека таа е трета по големина административна зграда во светот која датира од времето на комунизмот. За нејзината изградба работеле 700 архитекти и 20.000 работници. Има 12 спрата со вкупно 1100 соби и дополнителни 4 спрата под земја кои служат како скривалишта. Кога ке влезете во неа ќе бидете воодушевени од луксузните кристални лустери, мозаици, злато и мермер. Денес Палатата на Парламентот е седиште на собранието на Романија.
Стариот град
Познат како Lipscani, стариот град плени со својот шарм. Во него ќе најдете безброј продавници за антиквитети и уметнички галерии. Тука се наоѓа старата палата на принцот изградена во 15 век од страна на Дракула кој во подрумите на палатата ги држел затворениците. Исто така токму во стариот град можете да ја видите и најстарата црква во Букурешт која датира од 1559 година.
Плоштадот на револуцијата
Најубавиот плоштад во Романија кој е познат по важни историски моменти кои се случувале на него. Тука се наоѓа Кралската палата, Римскиот Атениум, Народниот музеј на уметности и црквата Кречулеску.
Кралската палата и Римскиот Атениум
Кога сте веќе на плоштадот не пропуштајте да ја видите Кралската палата изгредна во 30тите години на минатиот век и Римскиот Атениум кој е дело на францускиот архитект Алберт Гајерон и датира од 1888 година. Денес е познат како место во кое се одржуваат концерти на романската филхармонија.
Парковите и градините на Букурешт
Во Букурешт има безброј паркови и градини кои се вистинска атракција за туристите. Една од попознатите е градината Cismigiu која е отворена уште во 1860 година и во неа има преку 30.000 дрва и растенија. Ја нарекуваат „рај на земјата„, а зошто е тоа така уверете се сами.
Селото Музеј
На брегот на езерата се наоѓа Селото Музеј во кое има преку 300 дрвени куќи, цркви и ветерници. Најстарите куќи датираат уште од 17 век. Тоа ја прикажува историјата на романската рурална архитектура.
Што да пробате?
Романските вина се едни од попознатите во Европа и имаат традиција која трае 3 милениуми. Не заборавајте да се почастите со една чаша вино и секако познатиот романски пијалок „ракија од сливи„. Доколку сакате да ја искусите традиционалната романска кујна појдете во ресторанот „Jaristea„ во кој се приготвуваат највкусните специјалитети.
Каде да ја прославите Новогодишната ноќ?
Плоштадите се одличен избор за дочек на Нова година, но доколку сакате да го почувствувате ромаснкиот ноќен живот, најлудата ноќ е вистинско време за тоа. Во Букурешт има огромен избор на барови и клубови кои работат до зори, а цените на влезниците се прилично ниски.
Доколку сте љубители на рок музика, ви препорачуваме да го посетите барот Fire Club, а доколку ја сакате музиката од осумдесетите години, загарантирано добро ќе си поминете во барот Office. Ако патувате во машко друштво, одличен избор е пабот Dubliner каде се служи огромен избор на пива од целиот свет и редовно се гледаат спортови.
Посетете го овој неверојатен град оваа Нова година и уживајте во неговите убавини. Едно е сигурно, Букурешт нема да ве остави рамнодушни.