Виена - магична дестинација за новогодишните и Божиќните празници

Празничната сезона, и воопшто зимската сезона е волшебна во Виена, без оглед дали патувате со друштво, во двојка или со семејството. Ја викаат „градот на музиката“ поради тоа што тука живееле повеќе славни композитори отколку во кој било друг град во светот. Уште ја викаат и „градот на сонштата“, а зошто – ќе се уверите дури откако ќе прошетате низ нејзините улици.
Виена важи за еден од најубавите европски градови. Тука ќе уживаат и оние што сакаат да уживаат во прекрасната архитектура и раскошот на палатите, во убавините на Дунав или во превкусната храна. Виена е особено позната по неброените уникатни десерти, така што планирајте барем еднаш да посетите слаткарница или место каде што се служат неверојатните австриски колачи и торти.
Овој австриски град вреди да се посети во секој период од годината, но периодот околу новогодишните и Божиќните празници е магичен. Главните улици на градот се украсени со прекрасни, разнобојни светла, продавниците изложуваат божиќни експонати, се слуша празнична музика насекаде, едноставно градот живее во празничниот дух.
Во Виена има многу нешта што треба да се видат и да се доживеат, а ние ви издвојуваме неколку:
 

1. Посета на Виенската опера
Wiener Staatsoper е една од водечките оперски куќи во светот. Нејзиното минато е преточено во традиција. Секоја сезона се одржуваат околу 350 настани, меѓу кои се и најпознатите опери и балети во светот диригирани од врвни уметнци  секогаш придружени од Виенскиот филхармониски оркестар.


2. Посета на Божиќниот пазар во палатата Белведере
Палатата Белведере е една од најпознатите палати во Виена изградена во 18. век, со прекрасни церемонијални соби и воодушевувачки градини. Позната како дом на Принцот Еуген Савојски, денес таа е една од најзначајните згради во Австрија. Божиќниот пазар на палатата Белведере е еден од најновите и најмалку комерцијални пазари каде што можете да купите традиционални ракотворби, австриска храна и пијалаци и разновидни божиќни украси.
 

3. Лизгање на мраз
Локалните жители на Виена обожаваат да се лизгаат во зимскиот период, па затоа на многу локации низ градот се поставени лизгалишта меѓу кои најпознати се во градината на Вилхелминенберскиот дворец и големото градско лизгалиште меѓу Виенската концертна куќа и хотелот Интер-Континентал. Ако се најдете таму во периодот околу празниците не двоумете се дали да се качите на лизгалките или не. Несомнено ќе уживате!

4. Вкусот на австриските специјалитети
Изборот на храна што треба да ја пробате во Виена е огромен, но има неколку вскусни специјалитети што се задолжителни. Речиси на секој агол во градот ќе најдете мини-ресторани каде што може да купите виенски колбаси или würstels. Посебни се по тоа што се јадат со неколку парчиња леб од страна и со сос по ваш избор.

 
Секако мора да ја пробате и познатата виенска шницла која важи за еден од најпознатите специјалитети на австриката кујна. Ја има во различни големини но најчесто се служи во големи порции во комбинација со компир и парче лимон.

За оние што уживаат во десертот несомнено треба да ги пробаат познатата Захер торта која е совршена комбинација од чоколадо и џем од кајсија, како и традиционалната штрудла од јаболка направена од најквалитени јаболка и зачинета со цимет и шеќер.
  
5. Нова година во Виена
Кога зборуваме за Виена и за Нова година, првата асоцијација е прочуениот новогодишен концерт на Виенската филхармонија, кој се случува секоја година на 1 јануари во познатиот Музикферајн. Настрана од привилегираните што успеваат да добијат карта за концертот, можете ли да замислите колку е прекрасно да се следи на видеобим овој новогодишен спектакл на новогодишната забава на City Hall Square или пред Виенската опера, заедно со илјадници туристи и локални жители. Верувајте, би сакале токму така да ја почнете годината.

 

Галерија