СОВЕТИ ЗА ПАТУВАЊЕ

Се сеќавате на училишните и студентските екскурзии? Признајте дека патувањето со автобусот ви беше еден од посебно забавните моменти, на кои со радост се сеќавате.
Денес можеби не ви се чини толку забавно кога треба да патувате со автобус на подолги релации, но секој начин на патување има свој шарм. Патувањето со автобус е значително поевтино и најчесто е најдобро решение за дестинации со средна должина, каде што авионскиот лет е неисплатлив, патувањето со автомобил е заморно, а железничката линија или е недостапна, треба да ја комбинирате со автобус или трае предолго.
 
Како да го направите патувањето со автобус попријатно и максимално да уживате во вашата следна дестинација?
 
1. Патувајте ноќе
Ако патувате преку ден, ќе може да уживате во пределите низ кои поминувате. Но ако патувате навечер, денот ќе го искористите за шетање. Освен ако не сте многу тешки на сон, во автобусот ќе дремнете и ќе бидете подготвени за дневните авантури следниот ден.

2. Понесете лесна покривка и перница за вратот
Ноќното патување ќе ви биде поудобно, па погрижете се да не ги заборавите овие две нешта. Навечер во автобусот може да биде свежо, поради системот за вентилирање. Дополнително, препорачуваме облекување во слоеви, поради промената на температурите. Перничето за околу врат многу ќе ви го олесни патот, ќе можете полесно да дремнете и ќе го спасите вратот од вкочанување. 

3. Користете тампони за уши и маска за спиење
Со овие две навидум безначајни нешта, ќе бидете спокојни во текот на патување, особено кога ќе решите да отспиете. Другите патници може да бидат гласни, да вклучуваат светло за да пронајдат нешто во својот багаж. На овој начин ќе неутрализирате сè што може да ви го наруши сонот или мирот.

4. Влажни марамчиња и гел за суво миење
Понесете влажни марамчиња и гел за суво миење на рацете. Ако патувате 10-12 часа, ќе ви бидат потребни. Низ тоалетите на бензинските и на други места каде што вообичаено се прават кратки паузи минуваат стотици патници. Ова е вашата сигурна варијанта за одржување на хигиената за време на патувањето.

5. Лесна храна и вода
Не препорачуваме да патувате со полн стомак. Особено не јадете тешка храна пред пат. Но истовремено нема потреба да бидете гладни. Понесете лесна, сува храна и грицки, некоја енергетска ужинка и, секако, вода. Тоа е доволно за да не бидете гладни и да немате мачнини при патувањето. Без грижа, ќе уживате во вкусната локална храна кога ќе стигнете на вашата дестинација.

6. Соблечете ги обувките
Ќе се изненадите колку поудобно ќе ви биде патувањето доколку се ослободите од обувките, без оглед колку се тие инаку удобни. Цела ноќ во патики – нема потреба да се изложувате на вакво страдање. Потребна ви е ќеса за да ги сместите обувките во неа и, секако, чисти чорапи. Така патувањето ќе им биде пријатно на сите во автобусот.

 
7. Книга за да не ви биде здодевно
Пред да се изгасат светлата за спиење или ако патувате преку ден, ќе ви треба нешто за да не ви биде здодевно. Доколку вашиот придружник на патувањето, сака да дремне, а вам уште не ви се спие, добрата книга може да биде одличен спас. Патот ќе помине побрзо и ако имате со вас таблет. 

8. Екстерна батерија
Ако го убивате времето со вашиот мобилен, мислете на батеријата. Многу е веројатно дека штом ќе стигнете на вашата дестинација, ќе сакате веднаш да се впуштите во авантури и прошетки, а не да чекате батеријата да се наполни. Екстерна батерија е она што ќе ве одржи поврзани и достапни сè до следната вечер кога ќе се сместите во вашиот хотел и ќе може да ги наполните батериите, и вие и онаа на мобилниот.

9. Користете ги паузите да се протегнете
Дури и ако ви е ладно или едноставно не ви се станува од седиштето, користете ја можноста кога автобусот ќе застане за пауза за да се протегнете. Десет или 12 часа во иста положба се напорни, но многу е полесно кога ќе се размрдате одвреме-навреме.

Пакувајте се, поаѓаме
Патувањето со нас е исклучително пријатно, па дури и подолгите релации се чини дека ги минуваме за миг. Спомените што ги создаваме, пак, се незаборавни. 

 

Галерија