Летање со балон, незаборавна глетка

Една од врвните атракции на Турција е токму Кападокија. Се наоѓа на 200 километри североисточно од Анкара, на површина од 80 квадратни километри, меѓу три изгаснати вулкани – Ерџиес, Гулдаг и Хасандаг. Создавана е благодарение на вулканската активност во регионот во период подолг од милион години. Во вајањето на камените структури, изградени од стврднат бел пепел, помогнале и силните ветрови и обилните дождови. Резултатот е импозантен пејзаж што остава без здив. Сепак, мора да се напомене дека печат оставила и човечката рака. Древните жители на Кападокија со примитивни орудија ги делкале меките карпи и во нив ги граделе своите домови. Подоцна и христијаните, бегајќи од Римјаните, почнале тука да се населуваат. На ова подрачје се откриени 38 подземни градови и повеќе од 600 цркви и манастири сместени во вулканските карпи. Кападокија може да ја истражувате при вашето летање со воздушен балон.